По тој повод, како што информираа од Општината, градоначалникот Звонко Пекевски и раководители на неколку општински институции положија цвеќе пред спомен обележјето на Груев во близина на врвот Петлец, над село Русиново.

-Горди на минатото и на имињата кои се запишаа како симбол на слободата, ја одбележавме 115 годишнината од смртта на големиот македонски великан, Даме Груев. На 23 декември, на врвот Петлец, загина учителот, големиот македонски револуционер Даме Груев кој водејќи се од девизата „Подобро ужасен крај, отколку ужас без крај“ остана запишан во македонската историја, како еден од најголемите македонски револуционери и најистакнати членови на Македонската револуционерна организација, истакнаа по повод одбележувањето на значајниот датум од Општина Берово.

Поради мерките за заштита од Ковид-19 годинава, како што додадоа, изостана големиот народен собир кој секоја година се организира во село Русиново.
По повод значајниот датум во текот на изминатата недела беше организиран и традиционалниот планинарскиот марш „По врвиците на војводата Дамјан Груев“.