„Младите се иднината“ е краток документарен филм посветен на младите кои се почесто како што нагласуваат авторите на филмот, разбегуваат по европските и прекуокеанските држави.

Во документарниот филм со силна содржина и професионален пристап во снимањето учествуваат Сара Мицевска и Марија Тасевска, мотивирани и незапирливи во идејата, наместо во туѓина, своето знаење да го практикуваат во родниот крај, во Битола.

-Ако целото знаење и снаодливост што го покажуваме во странство, било како студенти, работници, бизнисмени или професори, политичари или економисти, новинари или писатели, се вратиме и го дадеме во местото во кое сме се родиле, сигурни сме дека минусите на сопственото општество ќе се намалат, а желбата за градење на светла иднина во родениот град ќе порасне. Битола беше и ќе остане градот на културата и затоа треба да се потрудиме за развој на културните вредности и респектот кон секоја успешна личност, и да ги отфрлиме стереотипите, зависта и предрасудите, порачуваат учесничките во документарецот „Младите се иднината“.

Пред публиката во Битола, во кино „Манаки“ ќе биде презентиран т.н. „културен шок“ кој треба да предизвика позитивно влијание врз одлуките на младите да останат дома, а не во туѓина, се нагласува во сценариото на Сара Трајчевска.

Документарниот филм „Младите се иднината“ во кој снимател и монтажер е Саше Богоевски, а режисер Маја Богоевска, е проект на Здружението БСМ Битола во соработка со порталот Читај бе и Креатив Продукција, а е поддржан од Општина Битола и на ЈОУ Културно информативниот Центар-Битола, кино „Манаки“.