Во најголемото албанско пристаниште Драч, откриена и запленета е нова количина на кокаин, овој пат во контејнер со морска храна, натоварен во Еквадор.

-Како резултат на деталната контрола извршена во контејнерот, во делот на капаците за вентилација беа пронајдени пакетчиња со кокаин во вкупна тежина од околу седум килограми и GPS, кои беа запленети како материјален доказ. Дрогата беше во контејнер натоварен со морска храна, испратена од Еквадор во име на компанијата „Fish Co Tirana“, со седиште во Тирана, стои во полициското соопштение.

Се додава дека по извршените дејствија, експертите за истраги со наркотици во Управата на локалната полиција Драч го уапсиле Д.Д.(35) жител на Тирана, администратор на фирмата каде требало да стигне нарачката.

-Под раководство на Обвинителството во Драч, продолжуваат истражните дејствија за целосно документирање на оваа криминална активност, идентификување и приведување на други лица вклучени во истата, наведува полицијата.

Претходно, во ова пристанште, при контрола на контејнери со јужно овошје, натоварени исто така во Еквадор, на 13-ти, 23-ти и 30 – ти јули беа откриени вкупно 26 килограми кокаин сите нарачка на компанијата „Alba Exotic Fruit“.

Полицијата го уапси менаџерот на компанијата Бајрон Гумени, кој е во притвор, додека по сопственикот Едуарт Даути сеуште се трага.

Во Драч на 18 јуни беа запленети 324 клограми кокаин, во камион натоверен со железо со крајна дестинација Италија. Возач на камионот бил македонскиот државјанин Н. А.