Собири пред општинските згради ширум Франција денеска започнаа низ целата земја, по неодамнешниот напад врз домот на градоначалникот во пошироката област на Париз.
Собирот започна во Нантер, градот каде што полицијата го уби 17-годишниот Наел пред речиси една недела. Убиството предизвика насилни протести низ Франција.
Градоначалникот на Нантер, Патрик Жари, денеска изјави дека ноќите биле тешки за жителите по убиството на Наел и додаде дека ова континуирано насилство е неприфатливо.
„Време е да се смири ситуацијата“, додаде Жари, кој и се заблагодари на бабата на убиеното момче која во неделата повика на мир.
По неколку ноќи насилство поради смртта на 17-годишното момче, демонстрантите во текот на викендот ја скршија вратата од куќата на Винсент Жанбрун, градоначалникот на Е-ле-Роз, во јужната периферија на Париз.
Сопругата на градоначалникот и едно од нивните две мали деца се повредени додека се обидувале да побегнат од напаѓачите кои со автомобил ја скршиле влезната врата од куќата. Градоначалникот не бил во својот дом во моментот на нападот.