Украински товарен авион „Антонов Ан-12“ со осум лица се урнал доцна синоќа во близина на градот Кавала во северна Грција. Сите осум членови на екипажот загинале.
Државната телевизија „ЕРТ“ објави дека се работи за авион „Антонов Ан-12“ во сопственост на украинска компанија, кој летал од Србија за Јордан.
Авионот полетал од Ниш, Србија и бил на пат за Аман, Јордан кога пилотот пријавил проблеми со моторот и побарал итно слетување на грчкиот аеродром во Кавала, но авионот не успеал да слета и се урнал на околу 40 километри од аеродромот. Авионот за влакно промашил куќи и уништил електрични столбови. Снемало струја во околните села.
Патеката на летот на авионот прикажана на веб-страницата „Flightradar24“ покажува дека авионот на компанијата „Меридијан“ стигнал до северниот дел на Егејот во близина на полуостровот Халкидики пред да се сврти и да се упати назад кон Кавала.
Пилотот побарал итно слетување поради проблеми со моторот, но сигналот на авионот бил изгубен.
Видеата објавени на социјалните мрежи покажуваат дека авионот во пламен брзо се спушта пред да удри во земјата. На местото на настанот и неколку часа по падот на авионот можеле да се слушнат експлозии.
Отпадоците се расфрлани во радиус од неколку стотици метри, а просторот е ограден.
Голем број пожарникари, брза помош и полиција отидшле во областа пред да се повлечат и да им наредат на новинарите и на присутните веднаш да заминат.
Пожарникар за „ЕРТ“ изјави дека чекаат специјалци и дека двајца колеги се пренесени во болница со тешкотии со дишењето.
Пожарникарите соопштија дека во гаснењето на пожарот кој избувна по несреќата се ангажирани 15 пожарникари и седум возила. На местото на настанот се испратени повеќе спасувачи.
Товарен авион кој превезувал опасен материјал се урна во близина на градот Кавала во североисточна Грција, предизвикувајќи пожар со остар мирис, соопштија локалните власти.
На жителите кои живеат во близина, грчката цивилна заштита им порача да ги затвораат прозорците и да не ги вклучуваат клима уредите.
Градоначалникот на малиот град Пангео, Филипос Анастасиадис изјави дека авионот „носел опасен материјал, веројатно муниција“.
Тој за „ЕРТ“ изјави дека во авионот немало хемиски или нуклеарен материјал. Армијата е на пат кон местото на несреќата, додаде тој.
Државните медиуми објавија дека во воздухот има отровни испарувања од палењето на 12 тони товар.
На местото на настанот се и воени истражители. Очигледно таму има непозната бела материја, но грчките медиуми јавуваат дека мерните инструменти не покажале ништо алармантно. Тие известуваат и дека ќе биде подигнат дрон со цел да се проучи целата област каде што се разлетале делови од авионот. Откако ќе се утврди дека областа е безбедна, треба да започне истрага.