Две лица загинаа, а стотици се евакуирани од поплавите предизвикани поради силните дождови кои ги зафатија Хонг Конг и јужните делови на Кина.

Под вода се голем број улици, а поплавени се и подземните железнички станици.

Спасувачките тимови користат сплавови за да се движат по поплавените улици.

Властите во Хонг Конг соопштија дека екстремните временски услови се очекува да продолжат и во текот на ноќта.

Опсерваторијата во Хонг Конг информира дека во градот до сега наврнале над 600 милиметри дожд што пак претставува една четвртина од просечните годишни врнежи во градот.

Жителите на градот ја критикуваат подготвеноста на властите да одговорат на ваквата вонредна состојба.

Градските власти донесоа одлука денеска да ги затворат училиштата, а работниците беа повикани да останат дома. Поради поплавите денеска не работеше ни берзата.