Бројот на загинати во земјотресот во Мароко се искачи на 632 лица, најмалку уште 329 лица се повредени, објави мароканската државна телевизија „Ал Аула“, повикувајќи се на Министерството за внатрешни работи, пренесува Си-Ен-Ен

Педесет и едно лице се во критична состојба, се вели во објавата. Се претпоставува дека ќе се зголеми бројот на загинати и повредени.

Разорниот земјотрес што траел околу минута уништил и многу згради, а населението во паника ги напуштило своите домови.

На првите снимки се гледаат големите штети од земјотресот, рушевини, прашина и луѓе на улица.

Геофизичкиот центар на Мароко соопшти дека земјотресот бил со јачина од 7,2 степени со епицентар во областа Игил.

Земјотресот бил на релативно мала длабочина од 18,5 километри и на оддалеченост од 72 километри југозападно од Маракеш.

Мароканското Министерство за внатрешни работи соопшти дека билансот на загинатите е прелиминарен. Најголем дел од смртните случаи се регистрирани во планинските области до кои било тешко достапни.