Во јавниот сектор во земјава заклучно со 31 декември лани биле вработени 132.088 лица во 1.346 институции. Повеќе од половината имаат најмалку високо образование. Споредено со лани, има околу 900 вработени повеќе. Намалување за околу 600 лица има во органите на државната власт. Најголем дел вработените во јавниот сектор работат во образование. Просечната старост на вработените е 46 години.
Ова го покажува анализата на Годишниот извештај за вработените во јавниот сектор за 2021 година што денеска на прес-конференција го презентираше министерот за информатичко општество и јавна администрација Адмирем Алити.
Тој истакна дека од вкупниот број вработени, 19.311 лица работат во АРМ, МВР, АНБ, Агенцијата за разузнавање и Управата за финансиска полиција и за нив како што рече, поради специфичноста на дејностите не се презентираат подетални анализи. Тие се прават за останатите 112.777 вработени во целиот јавен сектор.
-Она што е за истакнување е дека бројот на вработените на државната власт претставува само 13 отсто од вкупната бројка на вработените во јавнит сектор, односно од вкупно 132.088 вработени во јавниот сектор, во Владата, министерствата, ораганите во нивен состав, органите на државната управа… се вработени 15.302 лица, рече министерот.
Алити додаде дека анализата покажува оти најголем е бројот на вработени лица во дејноста образование, со 33 отсто, потоа во здравство 19 отсто, државната управа со 13 отсто, комуналните дејности на јавните претпријатија со 9 проценти од вкупниот број вработени…
Во споредба со истиот период лани, бројот на вработени во јавниот сектор е зголемен за 905 лица. Намалување на бројот на вработени има во органите на државната власт, каде во 2020 работеле 15.945 лица, а во 2021 година 15.302 што е намалување за 643 вработувања.
Во 2021 е зголемен број лица со високи образовни кфалификации, односно повеќе од половината од вработените во јавниот сектор имаат намалку високо образование. Од нив 4.753 се магистри и 2.575 се доктори на науки.
Од Извештајот може да се види дека поголем број од вработените или 55,3 отсто се жени, а 44,7 отсто мажи. Просечна возраст на вработените во јавниот сектор е 46 години. Во однос на етничка припадност на ниво на цел јавен сектор Македонците се застапени со 73,57 проценти, Албанците со 20,35, Турците со 1,95, Ромите 1,19, Србите со 1,07 проценти….
Министерот на прес-конференцијата информира и дека во тек е проект со кој, како што рече, се предвидени едни од најхрабрите промени во администрацијата. Тие, нагласи Алити, ќе подразбираат целосна реорганизација на органите на државната управа, агенциите и инспекциските служби на хоризаонтално ниво, елиминирање на секакво поклопување на надлежностите на институциите и воведување јасна хиерархиска подреденост согласно надлежностите на институцијата.
-Еден од најважните производи на проектот – Интегрираниот извештај кој ги сумира сите предлози за реорганизација на институците беше усвоен на седница на Владата од 8 март годинава. Овие препораки се важни како потоказ за реорганизација на министерстките системи. Со усвојувањето донесена е одлука МИОА, МЗШВ и Министерството за економија да бидат пилот министерски системи кои ќе почнат со процесот, посочи Алити.
Тој информира дека во изработка се и закони поврзани со јавната администрација – законите за висока раководна служба, за вработените во јавниот сектор, и за административни службеници. Тие, рече, во нацрт-верзија биле објавени на ЕНЕР заради транспарентност и собирање коментари од засегнатите страни.