Околу 20 жени и девојчиња демонстрираа денеска во Кабул, извикувајќи „отворете ги училиштата“, во знак на протест поради одлуката на талибанските власти да го затворат средното образование за девојчињата, јавија француските меидуми.

Демонстрантките извикуваа „Правда“, а некои носеа плакати на кои пишуваше „Ми ја зедовте земјата, не ми го земајте и образованието“.

Собирот траеше помалку од еден час бидејќи вооружени талибанци пристигнаа на местото на протестот и ги растераа демонстрантите.

Талибанците, кои се на власт во Авганистан од август 2021 година, во средата ја поништија одлуката да им се дозволи на девојчињата да посетуваат средно училиште. Таа одлука беше поништена неколку часа пред најавеното доаѓање на девојчињата во училиштата.

Одлуката за забрана за пристап на девојчињата во училиштата наиде на широко распространета осуда од меѓународната заедница. ОН, Европската унија и САД ги повикаа властите на Талибанците да дозволат девојчињата да се образуваат.