Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Бране Петрушевски возврати на критиките од Левица по употребата на метафората „талог“ од страна на Драган Ковачки, оценувајќи дека во партијата повеќе ги погодила таа квалификација отколку луѓето од врвот на СДСМ на кои, како што вели, се однесувала. Во објава на Фејсбук, пренесена во соопштение на ВМРО-ДПМНЕ, тој го отвори и прашањето за професионалната биографија на лидерот на Левица, Димитар Апасиев.

„Очигледно во Левица ги заболела метафората „талог“, употребена од Драган Ковачки, повеќе отколку луѓето од врхушката на СДСМ на кои се однесуваше, па веднаш се впуштија во нивна одбрана“, вели Петрушевски.

Тој порача дека, ако Левица веќе поставува прашања за тоа што работеле политичарите пред да влезат во политика, истата логика треба да важи и за Апасиев.

„Ама кога веќе решиле да делат лекции за тоа кој што работел пред да влезе во политика, ајде да ја примениме нивната логика и кај нив.

По истата логика, нивниот лидер Апасиев, пред да стане пратеник, што работел?

Професор на државен универзитет и стручен соработник во криминалното СЈО.

И толку.

Или можеби Левица има некоја скриена биографија во која Апасиев, пред да стане пратеник, мешал малтер, нижел тутун, работел на шалтер или истоварувал камиони, па ја немаат објавено?“

Петрушевски оцени дека Левица не може да се поставува како морален арбитер околу зборот „талог“, а притоа, како што тврди, нејзиниот политички врв кариерата ја градел во политиката и државните институции, а не во приватниот сектор или со физичка работа.

„Не може Левица да глуми морален арбитер за „талог“, а истовремено да заборава дека нивниот политички врв е составен од луѓе кои кариерата ја градат во политиката и во државните институции, а не со мотика, лопата или во приватниот сектор.

Човекот се мери по тоа што направил, за што се залагал и каква трага оставил зад себе.“

Во продолжение, Петрушевски ја спореди биографијата на Апасиев со онаа на Драган Ковачки, наведувајќи дека Ковачки, покрај Воената академија, се дошколувал на Командно-штабната академија во Хрватска и на Кралскиот колеџ за одбранбени студии во Лондон.

„А Драган Ковачки, покрај Воената академија, се дошколувал на Командно-штабна академија во Хрватска и на Кралскиот колеџ за одбранбени студии во Лондон.

Бил припадник на специјалната единица „Волци“, учесник во конфликтот во 2001 година и во повеќе меѓународни мисии.

Тоа е биографија!“

На крајот, Петрушевски ја обвини Левица за популизам, ширење вулгарен речник и омраза и за блокирање развојни процеси, истовремено посочувајќи ги привилегиите, државните плати и хонорарите што ги добиваат нејзините функционери.

„Затоа, „другари“ од Левица, пред да делите лекции за тоа кој што направил и кој колку вреди, може прво да одговорите на едно едноставно прашање:

Што направивте вие за Македонија, освен гол популизам, ширење вулгарен речник и омраза, и блокирање на развојни процеси, а на сметка на големите привилегии што ги уживате и дебелите државни плати и хонорари што ги наплаќате од граѓаните?“, прашува Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ.