Мексиканските власти соопштија дека го уапсиле поранешниот јавен обвинител Хезус Муриљо Карам по обвинение за злоупотреби при истрагата за исчезнувањето на 43 студенти во 2014 година.

Тоа е прво апсење на високо ниво во врска со едно од најтешките прекршувања на човековите права во Мексико, опишано од актуелните функционери како државен криминал.

Обвинителите соопштија дека издале и налози за апсење на 20 воени лица, петмина претставници на локалната власт, 33 локални и 11 државни полицајци и 14 членови на банда.

Муриљо Карам беше приведен во својот дом во мексиканската престолнина под обвинение за киднапирање, тортура и попречување на правдата.

Властите соопштија дека тој бил одведен во одделот на канцеларијата на јавниот обвинител и ќе биде префрлен во затвор во главниот град.

Муриљо Карам беше државен обвинител од 2012 до 2015 година во времето на тогашниот претседател Енрике Пења Нието и ја надгледуваше многу критикуваната истрага за исчезнувањето на студентите на 26 септември 2014 година. Останките на само тројца студенти беа пронајдени и идентификувани.

Според меѓународните експерти, истрагата била преполна со грешки и злоупотреби, вклучително и тортура на сведоци.

Актуелниот мексикански претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор, кој дојде на власт во 2018 година, вети дека ќе ја открие вистината за тоа што се случило со студентите кои беа киднапирани на 26 септември во сојузната мексиканска држава Гуеро

Во 2020 година, сегашниот јавен обвинител Алехандро Герц Манеро рече дека Муриљо Карам бил вклучен во „режирање на голема медиумска измама“ и водел „прикривање“ на вистината во случајот.

Претходно оваа недела, комисијата задолжена да открие што се случило рече дека армијата е барем делумно одговорна. Според комисијата, војник се инфилтрирал во студентската група, а војската не го спречила киднапирањето иако знаела што се случува.

Откриено е дека корумпираните локални полицајци, други безбедносни сили и членови на нарко-бандата ги киднапирале студентите во градот Игуала, државата Гуеро. Мотивот за киднапирањето останува нејасен.

Муриљо Карам, под притисок брзо да го реши случајот, објави во 2014 година дека членовите на локалната нарко банда ги помешале учениците со луѓе од ривалска банда, ги убиле, ги запалиле нивните тела во депонија и ги фрлиле остатоците во река. Тој ја дефинираше оваа верзија како „историска вистина“.

Сепак, истрагата вклучувала тортура, произволни апсења и лошо постапување со доказите. Ова им овозможи на повеќето од бандитите директно вклучени во злосторството да избегнат казна.

Киднапирањето се случило во близина на воена база, а независната истрага покажа дека луѓето од војската знаеле што се случува. Семејствата на студентите долго време бараа војската да биде опфатена со истрагата.