Холандската Влада в петок ќе воведе нови рестриктивни мерки поради рекордниот број на заразени случаи и ситуацијата во која болниците се обидуваат да се справат со новиот бран на коронавирусот, изјави денеска министерот за здравство Уго де Јонг.
– Стапката на инфекција е поголема од кога било. Приемите во болница ги надминаа нашите очекувања и сè уште не сме го виделе најлошото, истакна Де Јонг во Парламентот.
Во болниците низ Холандија има околу 500 пациенти со коронавирус на интензивна нега, а вкупниот капацитет е 1.066, соопшти организацијата која врши интерклинички транспорт.
Според Дидерик Гомерс, шеф на Здружението на единиците за интензивна нега во Холандија, бројот на кревети може да се зголеми на максимум од 1.200 до 1.250, додавајќи дека околу 50 пациенти дневно доаѓаат на одделот за интензивна нега.