Исклучени од сообраќај се два автобуса заради неисправни сопирачки, десет возачи немале лекарски уверенија и соодветна возачка дозвола.
Од СВР Тетово информираат дека нивни службеници во содејство со државни и општински инспектори по сообраќај спроведоа акциска контрола на автобуси и други возила кои вршат јавен превоз на патници.
-При контролата биле откриени два автобуса од кои еден во Тетово и еден во Гостивар кои имале неисправни сопирачки и биле веднаш исклучени од сообраќај. На возачите им се изготвени соодветни поднесоци. Покрај тоа, поднесоци им се изготвени на 10 возачи (ТЕ-6 и ГВ-4). Повеќето немале лекарски уверенија и за несоодветна категорија за управување. На два превозника од тетовско изготвени им се поднесоци за непоседување на потребните лиценци, а преземени се и четири други мерки за возачи во Гостиварско, наведуваат од СВР Тетово.
Од полицијата потсетуваат дека се планирани вакви активности и во наредните денови. Нивната цел е навреме да се откријат, санкционираат и отстранат технички неисправните возила кои вршат јавен превоз на патници.