Советот за безбедност на Обединетите нации ќе расправа утре за новиот, шестмесечен извештај на генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш за работата на Мисијата на ОН на Косово (Унмик), а Србија на седницата ќе ја претставува премиерката Ана Брнабиќ.

Во извештајот за периодот од 19 март до 18 септември 2023 година, кој на седницата ќе го претстави шефицата на Унмик Каролин Зијаде, Гутереш наведе дека „најостро ги осудува нападите на меѓународните сили на теренот како и употребата на насилство“.

„Ги повикувам сите страни да се воздржат од преземање еднострани потези кои би можеле да доведат до јакнење на тензиите и понатамошна ескалација. Ескалацијата на тензиите и безбедносните инциденти во мај и јуни негативно влијаеја на процесот на дијалогот кој останува единствениот пат за решавање на сите отворени прашања“, наведе Гутереш.

Инцидентите во мај и јуни, кои Гутереш ги спомнува во извештајот, се случија откако новите градоначалници на општините со српско мнозинство, етнички Албанци избрани на изборите кои Србите ги бојкотираа, влегоа во општинските згради во Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток, со помош на косовските специјалци.

Во извештајот, кој не го опфаќа периодот во кој дојде до оружениот судир на група локални Срби и косовската полиција во селото Бањска, на 24 септември, Гутереш напиша и дека загрижува тоа што страните не оствариле значителен напредок во примената на Договорот за патот кон нормализација меѓу Косово и Србија и тоа што допрва треба да се договорат за редоследот на примената на одредбите на неговиот Имплементациски анекс, за кој двете страни постигнаа согласност на 18 март во Охрид.

„Недостигот од напредок о дијалогот носи ризик од понатамошни тензии и можна ескалација на теренот. Ги повикувам страните да ја потврдат вистинската посветеност на дијалогот со посредување на Европската Унија и целосно да ги применат сите досега постигнати договори“, додаде Гутереш.

Тој истакна дека е „клучно да е најде решение за скоро одржување на вонредни и инклузивни локални избори на северот на Косово, со учество на косовските Срби, за да се намалат тензиите и да се тргне напред.

Седницата на Советот за безбедност на ОН за работата на Унмик ќе почне утре во 21 часот по централноевропско време.

Иако Гутереш неодамна навести можност седницата да биде затворена за јавноста, поради тензиите меѓу претставниците на Белград и Приштина на претходната таква седница, одржана на 27 април, тоа веројатно нема да биде така.