Во синоќешната престрелка пред чајџилница во Чаир, едно лице е убиено, а три се повредени, потврди МВР.

МВР денеска излезе од официјални информации според кои кај нив вчера околу 21.40 часот било пријавено дека во угостителски објект на ул.„Браќа Реџепагиќ“ две лица пукале со автоматско оружје.

– Од пукањето со тешки повреди се здобил Ј.И.(47) од Скопје и бил пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“, каде што околу 22.20 часот починал. Исто така, со повреди се здобиле М.А.(43) и Л.Ш.(42) од Скопје, кои биле пренесени во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“ за укажување на лекарска помош. Во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ со повреди-исекотини на раката бил донесен А.И.(30) од Скопје. информираат од МВР.

Од Министерството посочуваат дека на лице место е извршен увид и се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителите и за расчистување на случајот.

Во престрелката убиен е Јонуз Идризи. Според првичните неофицијални информации братот на убиениот бил убиен за Рамазан минатата година. Станува збор за Камбер Идризи.

Вооружениот судир се случи лани на 12 мај во Бутел, каде на лице место беше убиен 43-годишниот Камбер Идризи, додека неговиот внук Ергин Исени, беше тешко повреден и почина во болница.

Повеќе од 80 куршуми беа испукани кон возилото во кое биле Идризи и Исени, а Камбер Идризи почина пред да стигне во болница.