Во Протоколот потпишан во Софија на 17 јули, пишува дека „Согласно чл. 8 ал. 3 од Договорот, двете држави прифаќаат во 2022 и 2023 да ги чествуваат сите заеднички историски настани и личности кои се веќе договорени од Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања. Доколку има политичка волја од двете држави, ќе се прославуваат и други заеднички историски настани и личности“.
Натаму стои дека „заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања ќе разработи и реализира план за работа, кој предвидува одржување на 8 до 10 состаноци на годишно ниво“.
– Двете држави ја охрабруваат Комисијата да го заврши прегледот на периодот на Средниот век во рок од една година од потпишувањето на овој Протокол, стои во документот.
Се наведува и двете држави, не покасно од учебната 2024/25 г., да ги усогласат, каде што е неопходно, сите учебници по историја во учебната програма, така што тие ќе ги одразуваат, до тој момент, постигнатите резултати од работата на Комисијата, согласно чл. 8 ал. 2 од Договорот.
Двете држави да продолжат да ја поддржуваат и охрабруваат работата на Комисијата, за да ги извршуваат започнатите ангажмани, за да ги хармонизираат релевантните учебници и учебни програми, во согласност со резултатите од работата на Комисијата, одобрени од двете влади се вели во документот.
– Двете држави ја поддржуваат и охрабруваат Комисијата да ја заврши работата за сите периоди од заедничката историја, кои ги поврзува двете држави и нивните народи, во согласност со чл. 8 ал. 2 од Договорот, со цел целосно имплементирање на тие нејзини препораки во образовните програми до членството на Северна Македонија во ЕУ, стои во Протоколот.
Ѓоргиев, пак, вчера во врска со тоа како ќе ги исполнат роковите за постигнување резултати од работата на Комисијата, содржани во Протоколот, дециден дека тој документ содржи само охрабрување од политичарите, но динамиката на работата и постигнувањето резултати ќе зависи од членовите на Комисијата.
– Рокови во однос на постигнување резултати на Комисијата имаше и порано, и тоа е начин на кој размислуваат политичарите. Тие сакаат да постигнат резултати. Меѓутоа таму не стои во Протоколот императивно кога ние мора да ги завршиме тие прашања од средниот век. Таму стои охрабрување да се заврши за одреден период. Комисијата има своја динамика на работа, свој начин на работа, и се додека двете страни не утврдат дека е постигнат резултат согласно академските принципи, согласно последните историски истражувања, резултати од последните историски истражувања, ние нема да излеземе со готов производ, препорака во однос на учебниците. Така да, ние ги земаме во предвид охрабрувањата од политичарите, но динамиката на работата и постигнувањето резултати ќе ја диктираме ние, подвлекува Ѓоргиев.