По објавувањето на препораките се огласи владејачката СДСМ, од каде наведуваат дека „ова се препораки усвоени од стручна и независна комисија без какви било политички влијанија и оти со нив паднаа во вода сите лаги на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски“.

– Денеска стана јасно дека во тие препораки нема ништо спорно, нема ништо затскриено, нема никакво бришење или менување на историјата, нема историја по бугарски терк како што лажеа Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. Усвоените препораки за одредени учебници во основното образование се на база на реципроцитет и истите ќе бидат доставени и до македонската но и до бугарската влада, велат од СДСМ.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, оцени дека и понатаму државата ќе биде заложник на историјата поради францускиот предлог за надминување на спорот со Бугарија.

– Наместо да зборуваме за 21-ви, 22-ви век, за иднината, ние зборуваме за Средниот век како што впрочем видовте и денеска се зборува за цар Самоил, се зборува за Климент, се зборува за Наум, за Кирил и Методиј и се зборуваат неточни работи. Практично, ние сега треба да ги менуваме, односно цензурираме учебниците на децата кои ќе учат во училиштата под диктат, под притисок од Бугарија, истакна Мицкоски.

Тој оцени дека „ова е дебакл на политиките на власта во однос на политичарите од ЕУ“.