Во Собранието на Република Северна Македонија денеска ќе се одржи Мешовитиот парламентарен комитет Северна Македонија ЕУ, со којшто ќе копретседаваат Соња Мираковска од македонскиот Парламент, и европратеникот Андреас Шридер.
На состанокот во Скопје треба да допатуваат европратениците Ирена Јовева, Марион Валсман, Владимир Билчик, Симона Балдасаре, Масимо Казанова и Илхан Ќучук, кој е и известител за Северна Македонија во ЕП.
Европратениците кои ќе допатуваат во Скопје пред почетокот на состанокот ќе имаат средба со спикерот Талат Џафери, како и поединечни средби со координаротите на пратеничките групи во македонскиот парламент и тоа со Јован Митрески, координатор на СДСМ, Никола Мицевски, координатор на ВМРО-ДПМНЕ, Арбер Адеми од ДУИ и Илире Даути од Алијанса за Албанците.
Состанокот, според агендата започнува на пладне а на него ќе присуствуваат и ќе имаат свои обраќања, заменик-претседател на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, амбасадорот Дејвид Гир, шеф на Делегацијата во Република Северна Македонија, во име на Европската служба за надворешни работи и Европската комисија и Илхан Ќучук, постојан известител на Европскиот парламент за Северна Македонија.
Главни теми на состанокот ќе бидат владеењето на правото, прашања поврзани со животната средина и здравјето, граѓанското општество и медиумите, добрососедските односи и регионалната соработка, а најавен е и извештај за сработеното во рамки на Жан Моне процесот. Се очекува европратениците во Скопје да разменат ставови во врска со односите меѓу ЕУ и Северна Македонија со претставници на на Владата на Северна Македонија, со претставници на на Европската комисија и European External Action Service.
Средбата, која ќе има три сесии, се очекува да заврши доцна попладнето.