Министрите за одбрана ќе се фокусираат на тековните безбедносни предизвици и Стратешкиот компас на ЕУ, клучен воен концепт кој се обидува да обезбеди поголема стратешка автономија за Унијата, jaви СТА.

Се очекува да стане збор и за прашањето за европски сили за брза реакција од 5.000 војници, откако неодамна високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Жозеп Борел ја истакна потребата од такви сили во контекст на авганистанската криза.

На состанокот ќе се разговара и за регионот Сахел, Либија, Мозамбик и Западен Балкан, што е еден од приоритетите на словенечкото претседателство со ЕУ.

Домаќин на средбата е словенечкиот министер за одбрана Матеј Тонин, а на дискусијата ќе се придружи и заменикот генерален секретар на НАТО Мирчеа Ѓоана и заменикот генерален секретар на ОН за мировни операции Жан-Пјер Лакроа.

На состанокот ќе присуствува и Борел, кој потоа ќе претседава со дводневниот неформален состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ, кој почнува денеска, на кој министрите за надворешни работи ќе се фокусираат на Авганистан. Освен за Авганистан, се очекува на оваа средба да се разговара за односите меѓу ЕУ и Азија, како и дека министрите ќе дискутираат за односите на Унијата со Кина и земјите од Заливот.