Словенечкиот министер за економија Матјаж Хан изјави дека инспекторите ја проверуваат работата на бензинските пумпи, иако дистрибутерите на нафта велат дека повремениот недостиг на одредени горива во последните денови не е сериозен знак дека трговците чекаат нови, повисоки малопродажни цени.
-Во Словенија има доволно гориво, нема страв дека ќе снема и јавноста може да биде мирна, рече Хан на прес-конференција.
Коментирајќи ја големата побарувачка и гужвите на бензинските пумпи во последните денови, пред поскапувањето кое ќе стапи во сила од вторник, Хан рече дека побарувачката на гориво за неколку дена е двојно зголемена.
-Тоа што на некои бензински пумпи немаше ниту дизел, ниту бензин, па тие беа привремено затворени, е последица на логистичките проблеми и големиот транзит на туристи и транспортери низ Словенија, информира министерот.
-Резервите на стоковната нафта се полни, но во моментов нема потреба да се пласираат на пазарот бидејќи нема сериозни нарушувања на пазарот, рече Хан.
Доволно гориво треба да обезбедат дистрибутерите кои моментално се соочуваат со логистички проблеми при испораката.
И покрај тоа, и поради критиките во јавноста дека дистрибутерите создаваат вештачки недостиг во пресрет на значителното поскапување на мало, кое ќе стапи на сила од вторник, Хан рече дека инспекциските служби на терен проверуваат дали имало неправилности.