Пред пратениците во прво читање е предлог Законот за медијација, со европско знаменце, а ќе треба да ги разгледаат и измените и дополнувањата на Законот за трговските друштва, на Законот за игрите на среќа и за забавните игри и на Законот за животната средина, сите во прво читање.

Пратениците треба да ги разгледаат и годишните извештаи за работата на Судскиот совет, Македонската радио телевизија, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка, сите за 2020 година.

Во Собранието денеска се закажани и седници на три комисии. Седници ќе одржат Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, Комисијата за економски прашања и Законодавно-правната комисија.

На комисиите за политички систем и односи меѓу заедниците на дневен ред се предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за административни службеници, во второ читање, поднесен од пратениците од владејачкото мнозинство, предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за прекршоците, по скратена постапка, во второ читање, како и предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за заштита на лични податоци, по скратена постапка, исто така во второ читање.

Комисијата за економски прашања ќе расправа за предлог-измените на Законот за трговски друштва, предлог – измените на Законот за метрологијата, предлогот за изменување на Законот за контрола на предметите од скапоцени метали, предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за занаетчиство, предлог- законот за изменување и дополнување на Законот за контрола на извоз на стоки и технологии со двојна употреба, предлог- законот за изменување и дополнување на Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица и предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за трговија, сите во второ читање.

Законодавно-правната комисија ќе одржи три последователни седници, на чиј дневен ред, меѓу другото се, предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за административни службеници, во второ читање, предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за прекршоците и предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за заштита на лични податоци, двата по скратена постапка.