Собранието денеска треба да одржи продолженија на четири седници, на 54-та, на 30-та, на 41-та и на 66-та седница.

Пратениците на продолжението на 54-та седница ќе расправаат за Предлог за избор на заменици на народниот правобранител, за Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за следење на комуникациите, во второ читање, Предлог-законот за гаранција на Република Северна Македонија на обврските по Договорот за заем за финансирање на Проектот на ЕСМ за транзиција кон соларни фотоволтаици, кој ќе се склучи меѓу Европската банка за обнова и развој и Акционерското друштво за производство на електрична енергија Електрани на Северна Македонија, во државна сопственост, Скопје, по скратена постапка.

На дневен ред на оваа седница се и Предлог-резолуцијата за правните и моралните аспекти на Ковид-вакцинацијата, пооднесен од пратениците Димитар Апасиев и Борислав Крмов, Предлог-законот за финансиска стабилност, во прво читање, како и измените и дополнувањата на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа и Законот за установите, двата во прво читање.

Пратениците треба да расправат и за Предлог-финансискиот план на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги за 2022 и за Предлог-одлуката за утврдување на процентот на зафаќање од вкупниот годишен приход, за финансирање на работењето на РКЕ за 2022 година.

Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за земјоделското земјиште, во прво читање, еединствена точка на дневен ред на продолжението на 30-та седница.

Пред пратениците на продолжението на 41-та седница се Предлог-законот за изменување и дополнување на Изборниот законик, во прво читање, поднесен од група пратеници и Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за наставниците и стручните соработници во основните и средните училишта, во прво читање.

На дневен ред на 66-та седница се Предлог-законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам, во прво читање и Предлог-законот за платежни услуги и платни системи, по скратена постапка, и двата со европско знаменце. На дневен ред е и Предлог-законот за изменување на Законот за квалитетот на земјоделските производи, по скратена постапка.