Неколку билатерални договори за соработка во различни области потпишаа денеска ресорните министри во рамки на заедничката седница на владите на Македонија и Бугарија, која се одржува во Софија.
Како што јави известувачот на МИА од Софија, министрите за транспорт и врски Благој Бочварски и Николај Сабев потпишаа два документа со кои се зајакнува инфраструктурното поврзување меѓу двете земји – за железничкиот Коридор 8 и за директната авио-линија Софија – Скопје.
Поконкретно потпишани се Меморандум за развој на железничкото поврзување Скопје-Софија, преку формирање на заедничка работна група, со цел забрзување на изградбата на железничкиот Коридор 8 и Иницијатива за воспоставување на авиолинија – Софија – Скопје.
Коридорот 8 ќе биде една од главните теми на кои престојниот период ќе работи конкретната работна група, во чиј делокруг е инфраструктурата, а како што најави денеска премиерот Димитар Ковачевски на отворањето на меѓувладината седница, ќе се работи на сите делови на овој коридор и на патниот и на железничкиот, но и во делот на телекомуникациите.
Бочварски претходно ијзави дека Коридорот 8 од наша страна, односно експресниот пат Ранковце- Крива Паланка, третата лента кон Деве Баир и целосната рехабилитација на постоечкиот пат треба да бидат завршени кон средината на 2023 година со што ќе имаме комплетно нов Коридор 8, од Скопје до границата со Бугарија. Тоа ќе биде инвестиција од 100 милиони евра. Министерот најави и дека новиот начин на соработка ќе ја забрза и динамиката на железницата кон Бугарија.
Директната авиолинија, бугарскиот премиер Петков ја најави уште за време на посетата на Скопје, нагласувајќи дека во период од еден месец ќе се направат сите анализи и проценки, а веќе за 60 овој проект ќе биде реализиран.
Бочварски претходно изјави дека ќе се бара компанија која ќе спроведува исплатливи рути, како на пример Скопје-Софија-Атина, со цел да се избегне нејзино субвенционирање.
Се споменува бугарската компанија „Гуливер“, како и тоа дека станува збор за нискобуџетни летови кои понатаму ќе прават примамлива интерконекција за летови за Канада и САД, но Бочварски не наведува конкретни имиња и вели дека се отворени сите опции. Нагласува дека прво ќе разговара со оператори коишто треба да имаат финансиска исплатливост.
Бочварски и Сабев денеска во Софија потпишаа и Меморандум за либерализација на стоки за и од трети земји.
Земјоделството и економијата се меѓу секторите, на кои интензивно ќе се работи претстојниот период. Меморандум за разбирање и соработка во областа на земјоделството, аграрните науки, селските реони и шумското стопанство потпишаа денеска министрите за земјоделство на Северна Македонија и Бугарија, Љупчо Николовски и Иван Иванов.
Министрите за економија на двете земји Крешник Бектеши и Даниел Лорер, пак потпишаа Меморандум за разбирање помеѓу ИАНМСП и Агенцијата за поттикнување на претприемништвото на Република Македонија.