Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски денеска сподели дека изминатиот период се работи на модернизација на Скопската зоолошка градина – место во кое растеле генерации, се создавале најубавите детски спомени и се раѓала љубовта кон животните и природата.

„Скопје заслужува Зоолошка градина со која ќе се гордее, а животните заслужуваат квалитетни услови, стручна грижа и достоинствен третман. Изминатиот период интензивно работиме на реновирање на постојните и изградба на нови живеалишта“, истакна Ѓорѓиевски.

Тој посочи дека заменети се крововите, поставени се нови огради кај лавовите и дополнителни заштитни огради. Изграден е моторички парк за најмладите, а се обновува и платото пред Зоолошката градина.

„Нашите заложби се насочени и кон збогатување на животинскиот свет со нови видови, со соодветни живеалишта и услови приспособени на нивните потреби. Како што ветивме, работиме ЗОО Скопје да прерасне во водечки центар за едукација, заштита на природата и хуман третман на животните. Создаваме подобри услови за животните, посетителите и вработените, со нови содржини кои ќе ја направат секоја посета побогата, поубава и поучна“, нагласи градоначалникот.

Воедно, тој им се заблагодари на целиот тим, на вработените и на раководството на Зоолошката градина за вложениот труд, посветеноста и љубовта кон животните.

„Овој месец ЗОО Скопје одбележува еден век постоење. Овој голем јубилеј го пречекуваме со работа и со цврста решителност обновата да продолжи. Заедно, ја градиме иднината на ЗОО Скопје, со цел да биде една од најдобрите зоолошки градини на овие простори“, порача Ѓорѓиевски.