Од Институтот за јавно здравје на Војводина соопштија дека во Србија се потврдени два случаи на заразени со вирусот Западен Нил, пациентите се на болничко лекување и се во добра општа состојба. Заразени комарци, кои ја пренесуваат болеста, досега се регистрирани на три локации во Србија – Белград, Ниш и Палиќ, јави дописникот на МИА од Белград.
Лекарите велат дека нема потреба од паника, бидејќи 80 отсто од заболените немаат никакви симптоми и инфекцијата поминува незабележана. Околу 20 отсто од заразените имаат лесна клиничка слика, а во ретки случаи се јавуваат посериозни компликации, енцефалитис, кој може да биде фатален.
Од Институтот за јавно здравје на Србија „Д-р Милан Јовановиќ Батут“ наведуваат дека западнонилската треска е сезонско заболување, а вирусот го пренесуваат заразени комарци. Инфекцијата не се пренесува меѓу луѓето преку контакт. Сезоната на пренос на вирусот Западен Нил во Србија обично трае од јуни до ноември.
Вирологот д-р Нада Куљиќ Капулица вели дека западнонилската треска првпат била потврдена во Србија пред дваесет години, но дека во поранешна Југославија направиле тестови и докажале присуство на антитела, што значи дека болеста и порано била присутна кај населението.
Таа забележа дека западнонилската треска не е единствената болест што ја пренесуваат комарците. Тие се главните виновници за појава на вирусни заболувања како денга, зика, чикунгуња, маларија. Една од превентивните мерки за сите овие болести е борбата против комарците. Во Србија тоа се прави со запрашување, но и со испуштање на стерилни комарци во природата. Се покажа дека пуштањето на стерилни комарци е ефикасен начин за борба против азискиот тигрест комарец, кој носи многу заразни болести. Тој ја пренесува и западнонилската треска, но не е единствениот. Вирусот на Западен Нил го пренесуваат и домашните комарци.
– Компликациите се исклучително ретки, најсериозен е вирусниот менингитис, кој може да доведе до смрт, вели Куљиќ Капулица.