Коста К., кој на почетокот на мај уби девет свои соученици, како и чуварот во основното училиште „Владислав Рибникар“ во населбата Врачар во Белград, наполни 14 години, па јавноста во Србија веќе се прашува дали овој факт ќе смени нешто во постапката против него.

Но, иако дури и Владата на Србија по масакрот предложи границата на кривичната одговорност да се спушти на 12 години, во случајот со Коста тоа нема да се промени ништо.

Постојат неколку причини зошто тоа е невозможно. Меѓу другото, според Кривичниот закон во Србија, на сторителот на делото му се суди според кривичниот закон кој важел во моментот на извршување на делото. Тоа значи дека детето убиец не подлежи на кривична одговорност без разлика што сега наполнил 14 години.

Коста К. од моментот на приведување се наоѓа на Клиниката за невропсихијатрија за деца и младинци, а постапка се води и против неговите родители. Во притвор е и неговиот татко кој се сомничи дека небезбедно го складирал оружјето, како и дека го однел малолетниот син да пука на стрелиште, објави Јутарњи.