Еден полицаец беше убиен, а друг тешко ранет во пукотница што се случи рано во четвртокот, на 18 јули, во Лозница, град во западна Србија. Информацијата ја соопшти вицепремиерот и министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ. Во тек е интензивна потрага по напаѓачот, пренесува Радио Слободна Европа.
Дачиќ рече дека постојат сомневања дека станува збор за терористички напад.
„Тоа не може да биде случајно, станува збор за организиран напад. Обвинителството за организиран криминал овој случај ќе го смета за терористички чин“, рече Дачиќ, соопшти Министерството за внатрешни работи на Србија.
Според соопштението на тамошното МВР, околу 00:55 часот, при контрола на возилото на пунктот во Липнички Шор, полициски службеници запреле автомобил „мерцедес“ со регистерски таблички „Тутина“ во кој имало две лица.
При излегувањето од возилото, едно лице пукало од пиштол, удирајќи го полицаецот Никола Крсмановиќ (1990) во градите и полицаецот Вјекослав Илиќ (1974) во рамото, по што побегнал, информираат од српското МВР.
Двајцата полицајци биле пренесени во Општата болница Лозница, каде Крсмановиќ им подлегнал на повредите. Како што потврдија за РСЕ во болницата во Лозница, состојбата на вториот полицаец повреден во престрелката е стабилна. Тие рекоа дека тој синоќа бил примен во болница со прострелни рани.