Светската здравствена организација предупреди на „голем биолошки ризик“ откако суданските борци зазедоа јавноздравствена лабораторија во главниот град Картум. Лабораторијата беше окупирана за време на нестабилното примирје со посредство на Соединетите Држави, со цел странските земји да можат да ги евакуираат своите државјани од земјата зафатена со војна.

Новинари на Си-ен-ен вчера слушале пукотници и звуци на борбени авиони во Картум, околу половина ден по објавувањето на 72-часовниот прекин на огнот, со цел да се отворат патишта за бегство на цивилите кои очајно сакаат да ја напуштат земјата. Меѓу суданската војска и РСФ, паравоени сили кои сакаат да ја преземат контролата врз земјата, избувнаа жестоки судири во северниот дел на регионот Картум, изјавија очевидци за Си-ен-ен.

Двете завојувани страни меѓусебно се обвинуваат за прекршување на договорот за прекин на огнот. Бројот на загинати во Судан од избувнувањето на конфликтот пред 11 дена достигна најмалку 459, со најмалку 4.072 ранети, соопшти Светската здравствена организација (СЗО).

Високо рангиран медицински извор за Си-ен-ен изјави дека борците на РСФ заземале лабораторија во која имало примероци од болести и други биолошки материјали. СЗО не обвинува ниту една страна за заземањето на лабораторијата, но предупредува дека медицинските техничари повеќе немаат пристап до објектот.

Нима Садид Абид, претставник на СЗО во Судан, го опиша развојот на настаните како „исклучително опасен“ бидејќи во лабораторијата се сместени изолирани примероци од полио, мали сипаници и колера. „Постои огромен биолошки ризик поврзан со окупацијата на јавноздравствената лабораторија во Картум“, додаде таа.

СЗО во изјава за Си-ен-ен рече дека „обучениот лабораториски персонал повеќе нема пристап до лабораторијата“, додавајќи дека лабораторијата повеќе пати останувала без струја, што значи дека „веќе не е можно правилно да се управува со биолошкиот материјал складиран во лабораторијата за медицински цели“.

Прекините во снабдувањето со електрична енергија значат дека постои и ризик од расипување на се помалите залихи на кесички со крв, изјави генералниот директор на лабораторијата.

Висок медицински извор за Си-ен-ен изјави дека „опасноста лежи во избувнувањето на каков било вооружен конфликт во лабораторијата, бидејќи тоа ќе ја претвори во микробна бомба“.

„Потребна е итна меѓународна интервенција за да се врати снабдувањето со електрична енергија и да се обезбеди лабораторијата од каков било вооружен конфликт. Се соочуваме со вистинска биолошка закана“, рече изворот.

Си-ен-ен, исто така, побара коментар до РСФ, но засега без успех.