Во црквата „Св. Спас“ вечерва беше отворена изложба по повод 80 години од пренесувањето на посмртните останки на македонскиот револуционер Гоце Делчев од Софија во Скопје. Изложбата е поставена на 12 паноа и содржи материјали за неговиот живот и дело, негови писма и преписки меѓу двете влади за пренесувањето на останките.
Изложбата ја подготвил Државниот архив на Македонија. Претставен е и оригиналниот саркофаг во кој останките биле пренесени од Софија во Скопје, изјави директорот на Конзерваторскиот центар Скопје, Филип Даневски.
„Изложбата ја изработи Државниот архив на Македонија. Претставени се дел од неговиот живот и дело, неговата фамилија и се она што е необјавено за Гоце Делчев – неговите писма, преписите меѓу двете влади за неговото пренесување од Софија во Македонија и изложен е неговиот оргинален саркофаг во кој останките се пренесени од Софија во Македонија“, изјави Даневски.
Изложбата ќе биде достапна за јавноста од вторник, сè додека временските услови дозволуваат таа да остане поставена во црквата „Св. Спас“.

Посмртните останки на Делчев биле пренесени од Софија во црквата „Св. Спас“ на 10 октомври 1946 година. Траорната церемонија започнала на 7 октомври. Во знак на почит, Македонците три дена пешки го носеле ковчегот од Софија до Скопје, главниот град на тогашната Народна Република Македонија.
Со пренесувањето бил исполнет заветот запишан на саркофагот: Гоце да почива во главниот град на независна Македонија.
