Од Министерството потенцираат дека со извршена комплетна вакцинација граѓаните се заштитуваат себеси и своите најблиски од компликации на болеста предизвикана од Ковид-19.
– Вакцините штитат од смртен исход и спречуваат натамошно ширење на вирусот, информираат од Министерството и ги повикуваат сите кои досега не се вакцинирале, да го направат тоа во најскоро време на еден од најблиските пунктови до местото на живеење.
Во текот на вчерашниот ден се аплицирани вкупно 2.379 дози вакцини, од кои 700 како прва доза, 1.585 се ревакцини, а 94 граѓани примиле трета доза вакцина.
Заклучно со 19 октомври вкупно се вакцинирани 800.103 граѓани, ревакцинирани се 764.953, а трета доза примиле 1.292 граѓани, соопшти Министерството за здравство.
Педесет и четири отсто од граѓаните над 40-годишна возраст, како што се посочува, се ревакцинирани, а 33 отсто од популацијата од 18 до 39 години примиле барем една доза вакцина.
Опфатот со вакцинација со една доза вакцина, на полнолетната популација е 57 отсто, а со две дози опфатени се 46 отсто од граѓаните над 18 години. Според бројот на аплицирани вакцини, 38 отсто од целата популација во нашата земја е вакцинирана, а 35 отсто од популацијата во државата примила две дози вакцина, информираат од Министерството за здравство.