– Во Тетово Денот на народното востание 11 Октомври се одбележа со полагање букети цвеќе пред Споменикот на победата (револуцијата), во организација на општинската организација на Сојузот на борци и тетовскиот гарнизон при касарната „Кузман Јосифоски-Питу“.

Чествувањето започна со интонирање на македонската химна и едно минутно молчење во чест и слава на сите загинати борци во Народно-ослободителна борба и припадници на АРМ.

Во пригодниот реферат пред присутните Јоцко Димитриевски од општинската организација на Сојузот на борци Тетово порача дека 11 октомври како светол датум се прославуваме со гордост и почит поради неговото значење и придонес денес да се живее во слобода за која македонскиот народ долго време мечтаел.

– На 11 октомври е почеток на оруженото востание на македонскиот народ. Постојано се раѓаа нови борци и партизански одреди кои тргнаа во борба по слободата. Вековните идеали беа остварени по четиригодишната народно ослободителна војна. Следуваше првото заседание на АСНОМ, кога беа ставени темелите на македонската држава кога за прв пат македонскиот народ ја доби долгоочекуваната национална слобода во рамките на тогашната нова југословенска заедница со што беа остварени Илиденските идеали и традиции на македонските револуционери, истакна во говорот Јоцко Димитриевски.

На одбележувањето цвеќе пред Споменикот на Победата положија делегации на општина Тетово, општинската организација на Сојузот на борци Тетово, од касарната „Кузман Јосифовски Питу“, општинска организација на СДСМ Тетово, општински комитет на ВМРО ДПМНЕ Тетово, тетовскиот огранок на Левица, претставници на партијата ЗНАМ Движење за Македонија, Организацијата на резервните воени старешини како и Здружение на пензионери на Тетово.