„Наздравје! Нека биде добра година за Албанците, каде и да се” – ова беше единствената порака од Рама кој на социјалните мрежи објави фотографија од средбата на негова иницијатива во Тирана со лидерите на албанските партии од Македонија.
Иако претходно сите политичари од земјава кажаа дека не добиле утврдени теми за разговор, на маса синоќа ставиле повеќе прашања- европската иднина на Македонија и Албанија, состојбата во регионот, но и уставните измени во земјава. По три часа зад затворени врати, Ахмети, Таравари и Тачи со речиси идентични ставови изјавија дека имале братска и релаксирана средба. Порачаа и дека промените на македонскиот Устав немало да наштетат на македонскиот идентитет, туку напротив, ќе го зајакнеле, а лидерот на ДУИ кажа и дека без Албанците нема да ја има Македонија.
-Македонија и Албанија имаат заедничка иднина во Европската Унија, но и заеднички предизвици кои ги очекуваат двете земји во овој период. Мора да се спречи заминувањето на во европските земји и стандардите треба да се усогласат со оние на земјите од ЕУ. – Али Ахмети – претседател на ДУИ
-Меѓу другото разговаравме и за уставните измени. Познато е дека нема ниту еден лидер на албанска политичка партија во Македонија кој не ги поддржува уставните измени, со единствена цел во ноември да почнат реалните преговори со ЕУ. – Арбен Таравари – претседател на Алијанса за Албанците
-Братска средба. Зборувавме за нашата заедничка иднина на патот кон Европската унија, а не за нешто поконкретно. – Мендух Тачи – претседател на ДПА
Средбите од ваков тип се добредојдени бидејќи Рама е докажан пријател на Македонија, а пораките на лидерите од албанскиот блок се во насока на непречено одвивање на евроинтеграциите- оцени премиерот Димитар Ковачевски.
-Секој разговор што ваков човек го има со политички чинители од нашата држава во насока на градење пријателство и добрососедство и во насока на задржување на курсот на европските интеграции го сметам за позитивен и добредојден.- Димитар Ковачевски – претседател на Влада
Освен на вечерата кај Рама, Ахмети и сопартијците денеска го посетиле и Македонскиот културен центар во Тирана. Директорот на центарот Златко Ориѓански на фејсбук покрај фотографиите со челниците на ДУИ напиша дека нивната посета е фантастичен почеток на новата година.