Унгарската полиција вчера употреби солзавец за да ги растера демонстрантите кои протестираа поради новиот предлог закон, со кој учителите повеќе нема да имаат статус на државни службеници.
Полицијата реагирала пред зградата на Владата, при што се приведени пет лица.
Протестите во Будимпешта траат повеќе дена поради предвидените законски измени за поголеми обврски на учителите. Изминатата година во Унгарија имаше повеќе протести со барања за подобри работни услови на учителите.
Според унгарската влада, законските измени кои предизвикаа широко незадоволство имаат за цел да го подобрат квалитетот на образованието.
Претходната верзија на законот предвидуваше надзор со технички средства на однесувањето и комуникацијата на наставниците. Иако властите ветија дека ќе ја отстранат оваа и некои други мерки, продолжуваат преговорите меѓу Владата и синдикатите на наставниците.
Доколку новиот предлог-закон биде изгласан во сегашната форма, од 1 јуни максималното дневно работно време за наставниците ќе биде продолжено од осум на 12 часа, а нивниот неделен обем на работа, кој сега е ограничен на 40 часа, ќе достигне 48 часа.
Во Унгарија има се поголем недостиг на наставници, главно поради ниските плати и непредвидливото регулаторно опкружување.