На маршот што го организира Здружението на граѓани од Горно Лисиче „Илинденски марш 1978“, ќе учествуваат 20 коњаници од различна возраст, меѓу кои и две девојчиња. Тие ќе тргнат кон Крушево во вторник, 27 јули, од паркот „Јане Сандански“ во 17:30 часот. Потоа со дефиле низ главните булевари во Аеродром ќе се упатат кон црквата „Свети Петар и Павле“ во Горно Лисиче, каде што ќе се одржи народен собир проследен со културно-уметничка програма со настап на музичките групи „Некст тајм“ и триото „Џентлмен“ и каде што поглаварот на МПЦ, г. г. Стефан ќе им даде благослов за маршот.

– Задоволство ми е што и оваа година го поддржуваме Илинденскиот марш организиран по повод најголемиот македонски национален празник – Илинден. Илинденското востание го означува почетокот на нова фаза во развојот на македонското ослободително движење и има посебно значење во историјата на македонскиот народ, изјави градоначалникот Златко Марин.

Општина Аеродром финансиски го поддржува коњичкиот марш повеќе години и ќе продолжи и во иднина да ја негува традицијата, бидејќи Илинденскиот марш е една од најголемите и најзначајни културни манифестации во Аеродром.