Доцна синоќа од Ирак и и Сирија во земјава се репатрирани државјани на Република С. Македонија – станува збор за 4 мажи – странски терористички борци, 5 жени и 14 деца, информираше владата.

„Против четворицата странски терористички борци, по претходно обезбедени докази од страна на Министерството за внатрешни работи – Бирото за јавна безбедност, и во координација со Агенцијата за национална безбедност, поднесени се соодветни кривични пријави во согласност со националното законодавство. Поради нивна недостапност на органите на прогонот, за истите имаше распишано меѓународни потерници, а во нивно отсуство, определена е мерка притвор, со решение на надлежен суд. Репатрираните жени и деца ќе подлежат на четиринаесет дневен здравствен карантин на доброволна основа и неопходни лекарски прегледи, согласно Законот за заштита на населението од заразни болести, со цел заштита на јавното здравје. Во наредниот период, надлежните служби ќе работат на обезбедување докази за можно учество во инкриминирани дејствија, за секој случај поединечно. Со исклучување на можноста за нивна вклученост во дејствија кои подлежат на казнено – правна одговорност, почитувајќи го во целост начелото на доброволност, ќе отпочне процесот на нивно рехабилитирање, ресоцијализирање и реинтегрирање во заедницата, односно во општеството“,се вели во владиното соопштение.

Сите мерки и активности, како што објаснуваат од владата, се темелат на обврските од Националниот план и процедурите за реинтеграција, ресоцијализација и рехабилитација на повратници од странски војски и членови на нивните семејства, усвоени од страна на Владата на Република  Македонија.