Во Белград во тек е вториот протест „Србија против насилството“, организиран од неколку опозициски партии. Откако беа прочитани барањата на протестот, поворката тргна да пешачи. Блокиран е мостот Газела, пренесува N1.

 

Српското МВР ги извести организаторите дека блокирањето на автопатот и мостот Газела е забрането и подлежи на прекршочна и кривична одговорност, а полицијата соодветно ќе постапи.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека полицијата нема да поставува кордони и дека ќе дејствува само доколку се во прашање човечки животи.

Првиот протест „Србија против насилството“, кој се одржа во понеделникот на 8 мај, собра, според организаторите, 50.000 луѓе. Организаторите на протестот и се заблагодарија на полицијата бидејќи на тој собир се однесувале согласно законот и ги повикаа припадниците на полицијата на ист начин да се однесуваат и на денешниот протест.