Директорот на ЈКП„ Комуналец“ Кичево, Зенел Јонузи за МИА потврди дека населението од општина Кичево, како и на сите водокорисници од регионалниот хидросистем можат да бидат спокојни, бидејќи водата од Студенчица е исправна за пиење, што го потврдија и резултатите добиени од анализите на мострите извршени во текот на денешниот ден.
– Интензивните врнежи од дожд кои во изминатите дваесетина часови го зафатија нашиот регион, предизвикаа заматување на поголемиот број водотеци во регионот, сепак со полна одговорност можам да потврдам дека водата од „Студенчица“ е исправна за пиење и приготвување на храна без дополнително превривање. Тоа го потврдија и денешните наоди по извршените лабораториски анализи, од кои може да се види дека водата од Студенчица е исправна за пиење како хемиски така и бактериолошки, нема промена на нејзината бистрина и корисниците од овој регион можат без страв да ја користат, нагласи Јонузи.