Водата за пиење во Градот Скопје е исправна за пиење, покажале резултатите од анализите на примероците земени од 39 мерни места.

-Секторот за санитарна контрола во периодот од 27.12.2021 до 31.12.2021 зема 182 примероци за физичко-хемиска и 182 примероци за микробиолошка анализа на вода за пиење од 39 мерни места во Град Скопје. Согласно добиените резултати од испитувањата, сите примероци одговараат на Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење, се вели во денешното соопштение од ЈП Водовод и канализација – Скопје.

Ова Јавно претпријатие, со цел подобра информираност на граѓаните на Град Скопје, го објавува неделниот извештај за квалитетот и безбедноста на водата за пиење, добиен од анализите спроведени во Секторот за санитарна контрола, кој е всушност прва лабораторија во државата која го акредитира своето работење според стандардот ИСО17025:2018.