Рубио смета дека мирот може да се постигне само по дипломатски пат
Американскиот државен секретар Марко Рубио оцени дека преговорите за ставање крај на војната во Украина и натаму се соочуваат со сериозни пречки, бидејќи ниту една од страните не покажува подготвеност за неопходните компромиси, особено руската страна.
Говорејќи пред Комитетот за надворешни работи на американскиот Сенат, Рубио истакна дека САД остануваат подготвени да помогнат во секој процес што би водел кон мирно решение.
– Подготвени сме да продолжиме со каква било улога што е потребна во контекст на постигнување мир, бидејќи сметаме дека војната во Украина нема воено решение – рече Рубио.
Тој нагласи дека единствениот пат кон завршување на конфликтот е преку дипломатија, иако досегашните обиди не дале резултати.
„Би го нарекол тоа тековен предизвик“, рече Рубио.
Во меѓувреме, од Москва повторно порачаа дека Русија останува отворена за мировни разговори. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, вчера изјави дека војната може да продолжи доколку украинската страна не прифати, како што ги нарече, „вистинските“ преговори и сериозни чекори кон мирно решение.
Песков додаде дека конфликтот би можел да заврши веднаш доколку украинскиот претседател Володимир Зеленски им нареди на украинските сили да се повлечат од териториите што Русија ги смета за свои.
