Скопјанец со возило удрил во полициски службеник откако при сообраќајна контрола во неговиот автомобил била пронајдена марихуана. По натамошниот претрес во неговиот дом, полициските службеници пронашле и хашиш.

Инцидентот се случил на 17 ноември на улицата „Благоја Стефковски“ во Скопје. Полициските службеници тогаш запреле автомобил од марката „сеат леон“, со кој управувал 23-годишниот Т.А. од Скопје.

Откако полицајците му ја одзеле пронајдената марихуана, младиот возач ненадејно го активирал возилото во обид да побегне.

„Пријавениот го стартувал возилото, удрил во полициски службеник, а подоцна и во паркирано патничко возило“, соопшти Министерството за внатрешни работи.

Секторот за внатрешни работи Скопје поднесе кривична пријава против 23-годишникот за две дела, односно за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори, како и за напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста.