ЈСП „Скопје“ нема недостиг од возачи, а има и нови 36 кои се пријавиле на последниот јавен оглас. Ова го тврди градоначалничката Данела Арсовска, која вели дека тоа значи дека има интерес за лица кои сакаат да работат и да живеат во Македонија, а не надвор од држава, и тој што го пласира тоа за да сее страв и да изврши некаков притисок во јавноста преку медиумите и да влијае на самиот углед на претпријатието, ќе си добие соодветна пријава.

Пријавата нема да биде за клевети туку за кривично дело, затоа што ова веќе ги надминува сите граници на нашето нормално живеење и комуницирање со јавноста, истакна градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.

Таа повтори дека немаат примено никакви дотации од Владата и покрај тоа што претходно се примале милиони евра и дека ЈСП продолжи да функционира и за време на криза со 400 до 500 проценти поскапени енергенси без, како што посочи, да се добие ниту еден денар дотација.

Не може некој да сее страв и паника меѓу граѓаните, а тие секојдневно да се прашуваат дали ќе стигнат на своето работно место или не, затоа што некој си дозволува неказнето да пласира невистини по јавноста и медиумите, изјави Арсовска.

За ситуацијата со приватните превозници и тврдењата дека немаат примено приходи од август, таа вели дека тоа се невистини, политички манипулации и лаги.