Од 2027 година и возилата на Министерството за внатрешни работи ќе служат за откривање и констатирање сообраќајни прекршоци на местата каде што не е поставен системот „Безбеден град“. Полициските возила, без разлика дали ќе бидат паркирани или во движење, ќе регистрираат прекршоци, а податоците директно ќе се внесуваат во дигиталниот систем за нивно процесирање.
Ова денеска го најави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој посочи дека со новиот начин на контрола ќе се опфатат и делниците на кои сè уште нема камери од системот „Безбеден град“.
Според Тошковски, возачите веќе научиле каде се поставени камерите и на тие локации ги почитуваат сообраќајните правила, но на местата каде што нема надзор повторно се забележува поинакво однесување во сообраќајот.
– Возачите веќе научија каде се камерите на „Безбеден град“ и таму ги почитуваат правилата, но каде што нема камери повторно имаме поинаков тип на управување моторно возило. Со возилата на МВР ќе можеме да детектираме, пред сè, управување моторно возило со несоодветна брзина. Ценам дека таков тип на контрола е нужен за да можеме да го смириме сообраќајот и таму каде што немаме поставено камери. Оние што несовесно ги управуваат моторните возила полека научија каде се камерите и тоа е добро. Е, сега, нема да можат да претпостават каде ќе бидат полициските возила. Тие ќе можат да констатираат прекршок, кој директно ќе биде внесен во дигиталниот електронски систем за доставување, спроведување и процесирање на сите прекршоци – изјави Тошковски по промоцијата на Националната стратегија за безбедност на сообраќајот на патиштата 2026–2030.
Тој оцени дека оваа мерка ќе има клучна улога во остварувањето на целите на стратегијата, особено во делот на зголемување на контролата и намалување на несоодветното однесување на возачите.
Тошковски соопшти и дека до крајот на ноември треба да заврши воведувањето на системот „Безбеден град“ во СВР Струмица и во градовите што ги покрива овој сектор за внатрешни работи. Потоа, системот ќе биде имплементиран во СВР Штип.
Очекувањата се „Безбеден град“ да започне да се применува на целата територија на државата до крајот на годината или на почетокот на 2027 година.
