Одново пукотници ги вознемирија вработените и клиентите во Ист Гејт. Според првичните информации две лица се повредени во пукањето во трговскиот центар. За ова се огласија и од МВР:
Денеска (24.10) од трговскиот центар Ист Гејт во Скопје е пријавено дека било пукано кон две лица кои се здобиле со повреди и се пренесени во болница за укажување помош. Полициски екипи се упатени на лице место и се преземаат мерки за расчистување на случајот, информираат од Министерството.
Како што стигнаа неофицијални информации до нашата редакција, паника имало низ целиот трговски центар, а пукање имало и на еден од ескалаторите, но сепак ова се само шпекулации. Дел од вработените ни пренесоа дека трговскиот не бил евакуиран, а сите биле збунети од случката.
Во меѓувреме, излезе и вознемирувачко видео од пукањето:
Според првичните информации, едно од лицата е со потешки повреди и е пренесено во Клиничкиот Центар „Мајка Тереза“, додека другиот повреден е во ГОБ „Св. Наум Охридски“.
Како што објавија медиумите, пукано е кон Раде Трајковски Штекли и уште едно лице. Кон него, на истото место беше пукано и на 25 август годинава, но не беше погоден.
Тогаш маскираните лица кои пукаа од возило ауди со странски регистарски таблички избегаа од местото, а возилото беше пронајдено запалено кај езерото Треска кон Грчец.
Раде Трајковски-Штекли, се поврзуваше и со истрагата за убиството на младиот фудбалер Мартин Јанушев. По првичните сомнежи, во истрагата за убиството не беа најдени докази за Трајковски и тој не беше обвинет.
Штекли беше уапсен во Грција во 2011-та како осомничен во Италија за местење на фудбалски натпревари. Трајковски тогаш беше екстрадиран во Италија каде имаше и судење за големиот случај со наместени натпревари во италијанскиот фудбал.