Вработените во ЈСП Турс поминуваат низ голгота, а со ваква ситуација не се соочуваат прв пат. Тие цели четири месеци немаат земено плата, а со тоа одамна се останати без придонеси и без здравствено осигурување.

Ваквиот нехуман третман, разбирливо, јави гнев кај вработените кои се грубо доведени на работ на егзистенцијата без месечни примања. Поради ова, без здравствено осигурување се останати и деца на вработени, кои се пријавени преку нив.

Најстарата градска агенција која постои повеќе од 30 години никогаш не била во полоша состојба. Цели 15 месеци функционира на стаклени нозе, без управител. Вработените долг период инсистираат генералниот директор да назначи управител, но тој не поведува иницијатива иако тоа би решило барем дел од проблемот.

Како што дознава КУРИР, тоа што се оставени без плата не е единствениот проблем со кој се соочуваат вработените. Како што сме информирани, имало и обиди за неовластено преземање на вработени од ЈСП Турс во ЈСП Скопје. Поради овие состојби, се шират гласини дека ЈСП Турс по низата скандали во работењето, можно е да се соочи и со закана за стечај.

Како да не е доволно мачење што работат, а не земаат плата, вработените се жалат и дека се под постојан мобинг, а контролите кои се праќаат имаат за цел само да вршат притисок врз вработените, а не да ја согледаат ужасната состојба со која овие луѓе се принудени да фунционираат.