Вработените во Медиумската информативна агенција (МИА) и денеска за време на паузата четврти пат излегоа на предупредувачки протест пред просториите на агенцијата. Ги повторија своите барања, од кои најитно е зголемување на платите за 30 отсто, пренесува Makpress.mk.

Просечната плата во МИА, како што велат вработените, е далеку од просечната плата во државата, а таа во моментов изнесува 36.465 денари.

Од Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ) информираа дека безрезервно од самиот почеток ги поддржуваат барањата на вработените во МИА и нагласуваат дека тие се легитимни.

-Со оглед на најавата за седница на Владата денеска, и ветувањето дека ова барање може позитивно да се реши, чиниме дека е идеално време за затворање на ова прашање, наведуваат од ССНМ.

Потсетуваат дека МИА е мултимедијален медиум кој продуцира вести на три јазика, на македонски, албански и англиски јазик. МИА ја има најголемата дописничка мрежа и известува за сите настани во држвата, но и за случувањата во светот. Агенцијата има соработка како со регионалните, така и со светските медиуми со што нејзината улога е од огромно значење за целата земја и особено за медиумската сцена.