Проектот за проширување на мерката за субвенциониран студентски оброк преку апликацијата „М-услуги“ се развива со забрзано темпо. Со новото законско решение студентите ќе добијат картичка со која ќе остваруваат попуст од 20 отсто на услугите достапни преку апликацијата.
„Формирана е работната група, многу брзо се развива проектот. Заинтересирани сме брзо да се развие проектот. Во комуникација сум со релевантните студентски собранија и мислам дека немаме проблем и дека многу брзо ќе дојдеме до решението“, нагласи Јаневска.
Министерката се осврна и на најавите за студентски протест поради предложените законски измени во мерката за студентски оброк.
„Правото на протест е загарантирано, но јас навистина не разбирам против што би протестирале. Државата им нуди повеќе од тоа што го имаат, а тие сакаат против тоа да протестираат. Не ја гледам логиката“, рече Јаневска.
Генералниот секретар на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, Дамјан Коњановски, на прес-конференција соопшти дополнителни детали околу предложеното законско решение.
„Станува збор за ново законско решение, со кое секој студент ќе добие студентска картичка, преку која студентите ќе можат да остваруваат 20% пониски цени за сите услуги што ќе ги користат преку апликацијата „М-услуги““, рече Коњановски.
Картичката со попусти ќе може активно да се користи и надвор од официјалната академска година.
Во подготовката на ова законско решение директно се вклучени Министерството за образование и наука, Министерството за дигитална трансформација, Министерството за финансии, Генералниот секретаријат и Кабинетот на премиерот.
На техничкиот развој на посебната апликација и на дигиталната картичка интензивно работи Министерството за социјална политика, демографија и млади.
