Работници во стотици кафетерии на Старбакс ја напуштија работата барајќи ангажирање на повеќе работници и подобар распоред, објави синдикатот Обединети работници.
Штрајкот беше организиран на голем промотивен ден (Ден на Црвената чаша), кога Старбакс им доделува бесплатни црвени чаши со празнични украси на клиентите. Тој настан вообичаено привлекува голем број граѓани, па така лани прометот скокнал за 94 отсто во однос на дневниот просек за цела година.
Синдикатот објави во средата дека работниците во 30 градови низ земјата „одеднаш ја напуштиле работата“ пред планираниот штрајк вчера.
Старбакс има речиси 10.000 локации во САД.
Работниците на Старбакс, исто така, излегоа на штрајк минатата година на истиот ден, како знак на протест против отпуштањата, затворањето на кафетерии и други потези за кои тврдеа дека се одмазда на компанијата за вработените кои се приклучиле на синдикатот.
Старбакс на почетокот на овој месец објави дека следната година ќе ги зголеми саатниците за работниците за најмалку 3 отсто. Сепак, вработените го критикуваа тоа и рекоа дека профитот на компанијата во четвртиот квартал се зголемил за 11 отсто, додека работниците во автомобилската индустрија – кои исто така штрајкуваат – неодамна добија многу поголемо зголемување на платите