Или за 30% повисоки плати или генерален штрајк на околу 1 200 вработени во УЈП.
Ваква порака испратија работниците на предупредувачкиот протест пред министерството за финансии. Лути дека првиот финансиер Бесими не го спроведува новиот колективен договор кој го скроиле заедно. Тврдат дека тие дури и се откажале од некои права. Претседателот на синдикатот Васе Неданоски вели дека раководството на УЈП го испратило барањето до финансии, но оттаму поради нејасни причини, се уште не ставаат потпис.
„Во постапувањето заедно со финансии можам најодговорно да информирам дека се дојде до содржина која со нашите отстапки се дојде до содржина која беше прифатлива за сите страни. Се сметаше дека е завршена работа, но до денеска ние формално согласно правилниот немаме добиено согласност да се примени колективниот договор,“ изјави Васе Неданоски, претседател на синдикална организација „Солидарност“.
Вработените чекаа прием кај министерот, но такво нешто не се случи. Објаснување од финансии иако побаравме, до емитување на прилогот не добивме ниту ние. Неданоски кажа дека доколку Бесими не стави потпис на договореното тие ќе излезат на генерален штрајк, што според него ќе значи колапс на целата држава.
„Спроведуваме активности со коишто сакаме да најавиме штрајк и да предложиме помирувач со оние кои се овластени за таа работа. Со тие активности ќе почнеме во наредните денови. / Доколку дојде до поголеми облици на протест, сите треба да бидеме свесни дека ќе бидат загрозени повеќе витални функции во општеството, а ние не сакаме да дојдеме до тоа.“ истакна Васе Неданоски, претседател на синдикална организација „Солидарност“.
Инаку револтот кај вработените следи откако зголемени плати за 30% добија само вработените во финансии, но не и другите институции кои се под капа на ресорното министерство. Тие пред неколку месеци излегоа на предупредувачки штрајк пред управите во неколку градови.
Во меѓувреме финансии ја скрои и методологијата за растот на сите плати во јавниот сектор. Барањето на синдикатите просечната плата да биде основица за пресметка е прифатлива, но тоа да важи од 2028та година. Синдикатите веќе се изјаснија дека оваа понуда е неприфатлива.