Вечерва во кино Фросина во Скопје, со почеток во 20 часот премиерно ќе се прикаже долгометражниот документарен филм „Време на бетон“ во режија на Игор Иванов.

„Време на бетон“ ја раскажува приказната за Скопје, поточно неговата архитектонско-урбанистичка историја. Особен фокус е ставен на модерната, која го следи градот од почетокот на 20 век, посебно кусата ера на брутализмот. Што доведе до овој подем во време кога е тоа најпрогресивен правец во светската архитектура? Која е неговата вредност и зошто тој со децении е предмет на политичка конфронтација, идентификација и антагонизам? „Време на бетон“ претставува обид да ги деконструира и објасни овие феномени, велат од продукцијата „Скопје филм студио“.

Сценариото за филмот „Време на бетон“ е на Иванов и Томи Салковски кој воедно се јавува и како продуцент. Новинарот Ѕвездан Георгиевски е автор на нарацијата која го води филмот, а наратор е актерот Никола Ристановски. Соработници на сценариото се Мишко Ралев и Јордан Минов, изборот и изведбата на музиката е на пијанистката Дуња Иванова.

Ѓорѓи Клинчаров е кинематографер на филмот, монтажата е на Дејан Смилевски, а дизајнот на звук на Игор Поповски. Филмот е поддржан од Агенцијата за филм.