Врховниот суд на Северна Македонија, на 13 март, одлучи дека таткото на убиената 14-годишна Вања, осомничен за помагање во грабнувањето на девојчето, треба да остане во притвор.
„Советот за казниви дела при Врховниот донесе решение со кое жалбата на обвинетиот А.Ѓ., изјавена преку бранителот Владимир Туфегџиќ, ја одби како неоснована и го потврди решението на Апелациониот суд Скопје“, соопштија попладнево од Врховен.
Во највисокиот суд во земјава, денеска (13 март) се одржа јавна седница на која се расправаше за жалбата која ја поднесе одбраната на осомничениот за мерката притвор.
Одбраната тврдеше дека оваа мерка определена од Апелацискиот суд треба да се укине бидејќи обвинителството не приложило ниту еден доказ или индиција од кој може да се заклучи дека постои минималниот стандард за продолжување на притворот.
„Основано сомнение дека било извршено кривично дело подразбира постоење на факти и информации за кои некој би можел да се убеди дека осомничениот го сторил делото. Аргументите за и против не смеат да бидат општи и апстрактни, туку треба да содржат аргументи кои го оправдуваат притворот, рече адвокатот Туфегџиќ.
Пред судот зборуваше и таткото на убиеното девојче, кој се приклучи на искажаното од адвокатот и порача дека единствено му е важно да ја дочека разрешницата на случајот.
„Јас сум поделен на два света во моментов, едното дете ми се наоѓа тука, другото ми го одземаа. Не ми е важно каде ќе ја дочекам разрешница од оваа ситуација, важно ми е да дојде до разрешница, за да можам и јас да донесам одлука како возрасен човек дали ќе продолжам на овој свет или ќе се придружам на постарата ќеркичка“, рече А.Ѓ.
Обвинителството, пак, бараше Врховен да ја одбие жалбата како неоснова бидејќи тврди дека има основи тој да остане во притвор. Обвинителката Наталија Тасевска рече дека станува збор за тешко кривично дело од кое е произлезена тешка последица и тврдеше дека постојат доволно образложени причини дека осомничениот го сторил кривичното дело грабнување кое „со текот на истрагата се надоградува со повеќе докази, а истрагата сè уште трае“.
Таткото е петтоосомничен во случајот со убиството на 14-годишната Вања. Тој се гони за помагање во делото грабнување. Во предметот споено е уште едно убиство – на велешанецот Панче Жежовски.
Телата на Вања и Панче беа пронајдени во ист ден – едното во близина на Скопје, а другото кај Велес.
Во истрагата за грабнување и убиство на свиреп начин првоосомничен е Љупчо Палевски – Палчо, кој беше фатен во Турција од каде се очекува негова екстрадиција.
Како соизвршители во делата во притвор се наоѓаат уште три лица.
За помагање во бегството на Палчо, пак, е осомничено едно лице кое се наоѓаше во притвор, но вчера по барање на обвинителството му беше укината оваа мерка и наместо неа му беа определени мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиште, одземање патна исправа и обврска за јавување во суд.